Со електронската продажба на стечајниот имот на кочански "Руен" почна примената на новите законските решенија за забрзување на стечајните постапки кои беа донесени кон крајот на минатата година. Имотот на "Руен" е продаден на електронска аукција без почетна цена, што за прв пат се применува за фирма во стечај. Според вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, сега доверителите треба да ја потврдат продажбата, а купувачот веќе најавува дека ќе ги активира погоните и ќе креира нови работни места. Ова се случува по пет неуспешни продажби на компанијата која е во стечај од февруари лани.
Со електронската продажба на стечајниот имот на кочански "Руен" почна примената на новите законските решенија за забрзување на стечајните постапки кои беа донесени кон крајот на минатата година. Имотот на "Руен" е продаден на електронска аукција без почетна цена, што за прв пат се применува за фирма во стечај.
Според вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, сега доверителите треба да ја потврдат продажбата, а купувачот веќе најавува дека ќе ги активира погоните и ќе креира нови работни места. Ова се случува по пет неуспешни продажби на компанијата која е во стечај од февруари лани.
Исто така, според одредбите на новиот Закон со кои децениските стечаи се сведуваат на неколку месеци, почната е и процедурата за решавање на проблемот со недоградените згради поради стечај на инвеститорот, како што се објектите на "Фиком", "Самарија" и други. Конкретно, стечајниот управник на "Фиком" веќе се обратил до надлежниот суд, а оттаму до Агенцијата за катастар на недвижности е доставено барање за почнување постапка во која ќе се изврши премер на имотот. Потоа, според директорот на Катастарот, Славче Трпески во имотниот лист ќе се предбележат сопствениците на имотот на "Фиком", а тоа ќе бидат носителите на одобренијата за градење на неколкуте недоградени згради. По завршувањето на оваа постапка и имотот на "Фиком" ќе оди на електронска јавна аукција.
Освен ова, се откочуваат и стечаите на фирмите кои имале имот без утврден правен статус, поради што долги години не можел да биде продаден.Пешевски информира дека до Агенцијата за катастар на недвижности досега се поднесени 164 барања за утврдување правен статус на вкупно 1.224 објекти кои досега не биле дел од стечајната маса на фирмите, токму поради немање имотен лист. .
- Ова се голем број објекти, кои биле пречка за заклучување на стечајните постапки. Се работи за имоти со површина од неколку стотици до неколку илјади квадратни метри под покрив. Такви се објектите на компаниите "Стружанка", ШИК-Јелак, "Чик" Куманово, "Македонски фолклор" Тетово, АД "Маврово" и други. Со ова се става акцент на користење на капиталот кој постои во државата. Во сите овие објекти некогаш се инвестирало, биле во функција на развој на економијата, а сега со нивно повторно ставање во функција се зголемува капиталната база на државата, а по продажбата ќе се стават во функција - објаснува Пешевски и информира дека со новиот Закон кој се применува од почетокот на годинава веќе се затворени 18 од вкупно 330 стари стечајни постапки.
Тој потенцира дека се направени неколку суштински измени во постапките за стечај преку кои стечаите се забрзуваат и стануваат потранспарентни. Меѓу најважните ја вбројува продажбата на стечајниот имот по електронски пат која се покажа како успешна во случајот со "Руен". Во најава се уште три продажби преку системот за е-продажба во стечај.
- Преку оваа измена ќе се постигне поголема транспарентност во стечајната постапка при впаричување на имотот на должникот. Ќе се зголеми и процентот на намирување на доверителите во однос на претходниот период кога постапките траеја неоправдано долго, немаше предвидено рокови за продажба, имаше неограничен број на огласи за продажба, па имаше случаи еден ист имот да се продава по 10 до 15 пати по иста почетна цена. Така беа создавани непотребни трошоци кои се намируваа од стечајната маса и имотот на должникот губеше од својата вредност - вели Пешевски, додавајќи дека сега продажбата е само електронска и лимитирана на три пати.
Продажбата на стечаен имот се врши преку програмата е-стечај која се води во Централниот регистар, преку која може да се купува и од странство.